Семејствата на жртвите, преживеани лица и други граѓани, во петок положија цвеќе на местото каде што беа убиени 68, а ранети 144 лица, кога на 5 февруари 1994 година, отворениот и преполн пазар во Сараево, го погоди граната- јави БИРН Сараево
Еден од преживеаните, Есад Поздерац, пред комеморацијата, за емисијата „ТВ Правда“ на БИРН Босна и Херцеговина, раскажа како успеал да го преживее масакрот, во кој била убиена неговата сестра.
„Се наведнав и кога погледнав околу мене, сите беа мртви. Течеше крв од горе…Беа без нозе, раце“, рече Поздерац.
„Се плашев од втора граната, но отидов да видам што се случува со сестра ми. Јас бев гора, а таа беше мртва“, додаде тој.
Сеад Пешто на 5 февруари, отишол на пазарот за да замени цигари за храна.
„Пазарот беше полн. Дошле луѓе во потрага по храна. Единственото нешто на што се сеќавам беше страшниот звук што го произведува граната кога паѓа. Беше многу страшно, затоа што одеднаш сѐ се претвори во крвав облак. Многу луѓе лежеа, лелекаа, плачеа…“, рече Пешто за БИРН.
Тој се сеќава како се обидел да крене еден човек, чиј труп му останал во раце.
„Беше преполовен. Тоа беше страшно“, додаде тој.
Амела Даутбеговиќ, министер за труд, социјални работи, раселени лица и бегалци на Кантон Сараево, на комеморацијата изјави дека ова злосторство не смее да се заборави.
„Се собравме заради граѓаните и нашите деца. Нема и не смееме да ги заборавиме монструозните злосторства над граѓаните на Сараево, кои беа убивани секој ден додека стоеа во редици за вода и леб, за време на погреб, детски игри, скијање, во училиште“, изјави Даутбеговиќ.
Само едно лице досега е осудено за овие убиства.
Станислав Галиќ, командант на Сараевскиот-романијски корпус на Војската на Република Српска, кој за злосторствата во Сараево, вклучително и гранатирањето на Маркале, во ноември 2006 година, беше осуден на доживотен затвор.
Во пресудата на Галиќ е наведено: „Овој инцидент е пример за гранатирање во кое цивилите биле намерно гаѓани“.
Пазарот Маркале беше гранатиран и на 28 август 1995 година, кога беа убиени 43, а ранети 75 лица.
Радован Караџиќ и Ратко Младиќ, меѓу другото, се обвинети и за гранатирање на Сараево.
