Саркози на судењето за мито тврдеше дека е жртва на лаги

од Vladimir Zorba

Поранешниот француски претседател Никола Саркози изјави пред судот дека никогаш не бил дел од коруптивни постапки и дека е жртва на лаги.

На Саркози му се суди по повеќе децении долга политичка кариера, меѓу другото и заради наводниот обид за поткуп на судија, пренесува Ројтерс.

Поранешниот француски претседател ги обвини обвинителите за вршење „лов на вештерки“.

„Дозволете ми свечено да кажам дека никогаш не сум сторил ниту најмал чин на корупција. Никогаш. Никогаш не сум го злоупотребил моето влијание, наводно или реално“, рече Саркози, кој беше претседател од 2007 до 2012 година.

Обвинителството тврди дека Саркози му понудил на судијата Гилберт Азибер профитабилна работа во Монако, во замена за доверливи информации за истрагата за наводните незаконски исплати што ги добил од сопственичката на Лореал, Лилијана Бетанкур за неговата претседателска кампања во 2007 година.

Тоа излезе на виделина, рекоа обвинителите, кога биле прислушувани разговорите помеѓу Саркози и неговиот адвокат Тиери Ерцог.

„Азибер не ми должи ништо“, се бранеше Саркози, пренесува Танјуг.

„Никогаш не лажев. Но, во оваа приказна имаше лаги за мене“, додаде тој.

На Ерцог и Азибер им се суди за корупција и злоупотреба на службената положба, како и за откривање деловни тајни. Доколку бидат осудени, тројцата ќе добијат затвор до 10 години.

Слични содржини