Саудиските оперативци кои го убија Хашоги биле обучени во САД

од Stefanija Kuzmanovska
193 прегледи

Четворица Саудијци кои учествуваа во атентатот врз новинарот на „Вашингтон пост“, Џамал Хашоги, во 2018 година, поминале паравоена обука во САД според договор одобрен од Стејт департментот, објави „Њујорк Тајмс“, пренесува „Хина“.

Обуката се одржала од безбедносната компанија со седиште во Арканзас, Tier 1 Group, која е во сопственост на приватната компанија Cerberus Capital Management, и била од одбранбен карактер и била дизајнирана да ги заштитува саудиските лидери, објави „Тајмс“.

Новинарот на „Вашингтон пост“ Џамал Хашоги е убиен во комплексот на конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул, на 2 октомври 2018 година, кога отишол во конзулатот за да ги добие документите потребни за брак, а неговите останки никогаш не биле пронајдени.

Турција ги обвини саудиските власти за убиството на новинарот, но тие негираат дека политичкиот врв бил вклучен во овој ужасен настан.

Ријад првично го негираше убиството, а потоа тврдеше дека тоа го извршиле саудиски агенти кои дејствувале самостојно. Според саудиските власти, станува збор за „бунтовничка операција“. Тие за убиството обвинија дваесетина пониско рангирани одметнати службеници, од кои пет беа осудени на смрт по судењето кое траеше една година.

Сепак, во септември минатата година нивните казни беа намалени на по 20 години откако синовите на новинарот им простија.

Слични содржини