Англискиот селектор Герет Саутгејт, откако неговиот национален тим се пласираше во полуфиналето на Европското првенство совладувајќи ја Украина со 4-0, изјави дека духот на целата група е тој што ја издвојува неговата репрезентација од останатите.
Благодарение на двата гола на Хари Кејн и по еден на Хари Мегваер и Џордан Хендерсон, Англија се најде во полуфиналето за прв пат по 25 години, а Саутгејт го поздрави колективниот дух на неговиот тим како причина за нивниот напредок.
„Приредивме фантастично шоу, не само играчите кои започнаа, туку и играчите кои влегоа во игра подоцна“, рече Саутгејт на прес-конференција. „Јас всушност размислувам и за играчите што ги оставив надвор од тимот кои не излегоа на теренот“, додаде тој.
„Тие беа толку голем дел од она што го работиме. Тешко е да се одржи група од оваа големина вклучена, среќна, да се чувствува ценета. А сепак, овие момци беа феноменални во начинот на кој се жртвуваа за групата. Затоа сме во полуфиналето. Секако, квалитетот на нашата игра е важен, но видов дека многу репрезентации испаднаа затоа што го немаат духот на овие момци“, истакна англискиот селектор.
Англија сега ќе има полуфинален натпревар против Данска во среда на „Вембли“.