Саутгејт: Пеналите се моја одговорност

од Stefanija Kuzmanovska
336 прегледи

Во наредните денови, главна цел на медиумските напади на Островот ќе биде тренерот на „Гордиот Албион“, Герет Саутгејт. Неговото коцкање да ги фрли „незагреаните“ Маркус Рашфорд и Џејдон Санчо во финишот на второто продолжение за изведување пенали се покажа како многу лоша. Соиграчите во Манчестер Јунајтед не погодија од 11 метри. Исто така, одлуката да се пушти младиот, 19-годишен играч на Арсенал, Букајо Сака, ќе биде под лупа.

Англискиот кормилар ја презеде одговорноста за поразот во финалето на Европското првенство од Италија. Тој рече дека одбрал кој ќе шутира во серијалот од пенали.

„Избрав играчи на пенали врз основа на она што го правевме на тренинг. Досега ги добивме сите натпревари како тим. Моја е одговорноста за пеналите“, изјави Саутгејт.

Тој зборуваше и за младиот Сака, трагичарот на последниот натпревар на Европското првенство во Лондон.

„Сака е толку добро момче. Тој е многу популарен во националниот тим. Имаше неверојатен турнир и стана sвезда. И тој ќе продолжи да биде ѕвезда. Тој играше одлично и во финалето. Мора да го поддржиме и да му помогнеме“.

Селекторот на „трите лава“ истакна дека стратегијата за пенали претходно давала резултати.

„Имавме двајца изведувачи на пенали кои влегоа во игра непосредно пред пеналот. Го следевме она што го правеа со своите клубови подолг временски период и што покажаа на тренингот претходните денови. Тоа е процес кој ни даде резултати на Светско првенство во Русија. И во Лигата на нациите, но тој не беше успешен вечерва“.

За натпреварот Саутгејт вели: „Бевме добро подготвени, започнавме добро, но за жал не успеавме да издржиме. Момците не можеа да се вратат во вистинскиот ритам по примениот гол“.

Селекторот на Англија истакна дека е горд на своите играчи.

„Ние сме крајно разочарани што не победивме, но не можам да обвинам ниту еден играч дека не дал максимум. Беше задоволство да работам со нив. Атмосферата во соблекувалната по натпреварот беше многу болна, разочарани сме. Ние сите верувавме дека ќе ја освоиме титулата, затоа што ова е можност што ретко се среќава во животот. Кога размислувам за тоа што сме сториле досега, треба да бидам горд“, заклучи Саутгејт.

Слични содржини