Селекторот на Англија, Герет Саутгејт е можеби најизненадувачкото име на листата на потенцијални кандидати за менаџерската функција на Манчестер Јунајтед доколку Ерик Тен Хег добие отказ.
Медиумите на Островот во последните неколку дена тврдат дека играчите на „црвените ѓаволи“ очекуваат тренерска смена на „Олд Трафорд“ по крајот на сезоната.
Според ESPN, тимот на Сер Џим Ратклиф веќе подготвил скратен список на тренери за пополнување на одговорното место. Менаџерот на Брајтон, Роберто Де Зерби е едно од имињата кои веќе подолго време се поврзуваат не само со Јунајтед, туку и со Ливерпул, Челси и Барселона. Кон него ESPN ги додава менаџерот на Брентфорд, Томас Френк и веќе споменатиот Герет Саутгејт, чиј договор со англиската ФА е до декември оваа година.
TEAMtalk додава уште едно љубопитно име во овој контекст. Тој му припаѓа на тренерот на Болоња, Тиаго Мота, кој импресионира со работата и резултатите што ги постигна оваа сезона. Во Италија тврдат дека и управата на Јувентус прави планови да го замени Алегри со Мота.