Сава пензиско друштво а.д. Скопје е финалист со 3 номинации во 2 категории за наградите Извонредност и иновации на Светскиот пензиски самит, за проекти поврзани со иновативни инвестиции, комуникација и интеракција со членовите.
Светскиот пензиски самит (World Pension Summit) оваа година ќе се одржи од 10 до 12 октомври во Хаг, Холандија, каде по 14-ти пат на едно место ќе собере институционални инвеститори, советници и останати водечки фигури од целиот свет.
Целта на самитот е поврзување на експертите за да разговараат за потенцијалните решенија кои можат да ѝ помогнат на индустријата да се подготви за сите случувања кои ги носи иднината. Покрај размената на искуства, инспирации и дебати, дел од самитот е посветен на наградите за извонредност и иновации.
„Ние веруваме дека нашата индустрија и луѓето кои работат во неа имаат постојана желба да прават добро, да ја направат вистинската работа, да размислуваат и да се унапредуваат, со цел да обезбедат достоинствено пензионирање за сите луѓе на овој свет. Тешките времиња бараат поинакво размислување и можат да ги инспирираат организациите да станат креативни пронаоѓачи на решенија.
Поривот да се направи промена и неуморните напори за подобрување создаваат подобри перформанси кои водат преку пример во нашата индустрија – организации и поединци кои можат да ги инспирираат другите и да помогнат во зајакнувањето на реформите и резултатите ширум светот.
Затоа, ги препознаваме и наградуваме пензиските фондови кои користат извонредност или иновација за да ги унапредат своите пензии преку иновативни инвестиции, дизајн на нов план, одлична технологија и комуникација со членовите или кој било начин што може да помогне да се постигнат успешни резултати за корисниците на планот“ – се вели во изјавата на организаторите.
„Ни претставува вистинска чест и задоволство што се најдовме помеѓу финалистите на наградите за извонредност и иновации на овогодинешниот светски самит за пензиски друштва. Благодарни сме за номинацијата во категориите инвестиции, комуникација и интеракција бидејќи на овие полиња посветено работиме и секојдневно напредуваме.
Нашиот успех и задоволното членство се доволна сатисфакција за нас, бидејќи го правиме она во што веруваме, но ваквите признанија од светски организации секако дека ни даваат посебно задоволство и мотив да продолжиме на патот кој сме го зацртале“ – велат од Сава пензиско друштво.
За овие награди се пријавуваат организации од целиот свет, а победниците и второпласираните ќе бидат објавени и признаени на Светскиот пензиски самит за време на церемонијата за доделување награди за извонредност и иновации, што ќе се одржи на 12 октомври 2023 година.
Настанот се одржува во организација на меѓународниот весник за управување со пари, Pensions & Investments, кое се занимава со деловни и финансиски вести, законодавни извештаи, глобални инвестиции, развој на производи, технологија, инвестициски перформанси, извршни промени, корпоративно управување и други теми клучни за луѓето кои го поттикнуваат светот на професионалното управување со средства.