„Делегираните овластувања на дел од обвинителите за случајот „Пулс“ нема да бидат веднаш повлечени“, изјави државниот обвинител Ненад Савески на вчерашниот брифинг со новинарите. Тој рече дека кога бил назначен за прв човек на обвинителството затекнал состојба во која за многу предмети има делегирани овластувања на обвинители од различни обвинителства, што создава хаос и неможност да контролира кој обвинител што и како работи.
Затоа, како што вели, одлучил да ги повлече овластувањата на сите обвинители, освен на дел од обвинителите за случајот со дискотеката во Кочани, бидејќи тоа е многу сензитивен предмет, како и во обвинителствата кои немаат обвинител Ресен и Крива Паланка.
Тој објасни дека на пример не може шеф на јавно обвинителство во Гостивар да води и предмет од организиран криминал.
Савески истакна дека за случајот во Кочани нема да брза, и дека планира да се сретне со родителите и роднините на загинатите, бидејќи луѓето се вознемирени. Според него нема потреба од вознемиреност дека предметот ќе запре и дека нема да се работи по него.
Тој рече дека на обвинителката Ивана Трајчева која го застапуваше обвинението против полицајците за овој случај не и е одземен предметот, туку и е истечен мандатот и дека за овој предмет е назначен друг обвинител. Дел од обвинителите кои имаат делегирани овластувања полека ќе ги воведуваат новите обвинители во случајот.
За изборот на новите јавни обвинители, главниот републички обвинител истакна дека тој се обидува да им даде еднакви шанси на сите и дека на повикот покрај постојните обвинители се јавиле и нови.
Е.Б.