СБ: Македонија со раст на БДП од 4,6%

од Nikola Popovski
536 прегледи

Економиите на Западен Балкан се меѓу најтешко погодените од ширењето на делта-варијантата во третиот квартал од 2021 година, при што бројот на новозаразени со вирусот Ковид-19 се приближува или ги надминува бројките од врвот на претходните бранови, со зголемување на смртните случаи.

Светската банка (СБ) ја зголеми прогнозата за растот на БДП на Северна Македонија во 2021 година од 3,6 отсто на 4,6 отсто, благодарејќи на растот од 5,2 отсто во првото полугодие а по зголемената приватна потрошувачка, напливот од инвестиции и зголемената владина побарувачка во второто тримесечје.

Како и да е, економскиот раст на Западен Балкан се очекува да достигне 5,9 проценти во 2021 година – највисока стапка во целиот регион ЕЦА (Европа и Централна Азија) – поради силните извозни резултати, по што се предвидува во 2022 година забавување на растот до 4,1 проценти бидејќи слабее придонесот на надворешната побарувачка во растот. Предусловите за реализација на оваа прогноза се постепено закрепнување на потрошувачката и економска доверба и олеснување на политичката нестабилност, се вели во извештајот на Светска банка.

За економијата на Северна Македонија се вели дека иако опаднала поради ударот од Ковид-19 во 2020 година, при што стапката на сиромаштија пораснала од 1 до 4 отсто, владините мерки за борба со неа помогнале и економијата го обновила развојот во 2021 година.

-Ова е помогнато од силната побарувачка однадвор и отворањето на приватната потрошувачка, стои во извештајот.

И покрај отежнувачките околности, економскиот раст и продуктивноста во Албанија и Северна Македонија треба да се зајакнат со забрзување на структурните реформи во подготовка за пристапување во ЕУ, под услов преговорите за пристап повторно да не бидат одложени, се вели во анализата.

СБ прогнозира развој и постепена стабилизација на нашата економија и во 2022 година со раст на БДП од 3,7 отсто, додека сиромаштијата да продолжи да се намалува во 2021 и годината потоа.

Слични содржини