По вчерашната изјава на претседателката на Српското собрание и член на СНС, Ана Брнабиќ, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија остро ги отфрла, како што вели, срамните и лажни обвинувања на сметка на нивната реакција на изјавите на претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Според СДСМ, Брнабиќ и Вучиќ се навикнати да ги извртуваат фактите како што им одговара и да навредуваат секого што мисли поинаку од нивната диктаторска матрица.
„Ја потсетуваме само на некои од нејзините сопствени изјави за студентските протести во Србија: „Ова е обоена револуција. Ова е пуч, ова е обид за државен удар. Хрватска им дава логистичка, разузнавачка и финансиска поддршка.“ „Мислам дека настрешницата беше урната како почеток на обоена револуција.“
Вака таа зборува за студентите, за младите кои се иднината на Србија. СНС во Србија студентите ги нарекува „усташи“!
Тогаш е јасно зошто Вучиќ вели дека заменичката на генералниот секретар, Радмила Шекеринска, има врска со сецесионистичката политика на Косово.
Тоа што Александар Вучиќ ве постави, госпоѓо Брнабиќ, на чело на владата, на сите им е јасно. Да се биде послушник во режимот на Александар Вучиќ повеќе никому не треба да му се објаснува.
Вие во таа влада се прашувавте колку и Христијан Мицкоски додека Груевски беше на власт – воопшто“, порачаа од СДСМ.
Што се однесува до НАТО интервенцијата во 1999 година, опозициската партија во Македонија потсетува токму Вучиќ беше член на таа влада, министер за информирање, чија политика, како што велат, директно доведе до бомбардирањето на тогашната СР Југославија.
„Добро се сеќаваме на „најдобриот ученик“ на Војислав Шешељ. Тоа нема да го заборават ниту граѓаните на Србија, ниту граѓаните на Македонија. Споменувате дека СНС и Вучиќ се единствените кои „негуваат пријателски односи“, како Македонија да е на последно место на светот.
Она што сигурно го знаеме е дека покрај тоа што СНС негува односи со ВМРО, изгледа дека негува и канабис со сестринската партија. Функционер на СНС беше уапсен при заплена на 5 тони марихуана која пристигнала од Македонија, а никој не знае како ја поминала границата.
Велите „нема никакви претензии кон суверенитетот и територијалниот интегритет“? Што точно треба да значи тоа, госпоѓо Брнабиќ? Некоја скриена закана? Секојдневно за регионот пласирате вести за некакви набавки на најдобро оружје, најдобри авиони… изгледа ви се допаѓа тоа ѕвечкање со оружје од 90-тите, доктрината на Војислав Шешељ.
Да ве потсетиме, можеби сте „заборавиле“, дека Македонија е полноправна членка на НАТО, како што е и мнозинството земји во вашето и нашето опкружување. Затоа тие пораки оставете ги за вашата партиска пропаганда. За нас Србија е наш најблизок сосед, а српскиот народ го сметаме за еден од нашите најблиски пријатели. СНС тоа не е и никогаш нема да биде. Останувате само сестринска партија на ВМРО.
Вчера, меѓу другото, во својот одговор, Брнабиќ го обвини СДСМ дека се обидува да ја оправда агресијата на НАТО врз СР Југославија.
– Конечно, можно е дека СДСМ сака да нè убеди дека НАТО не извршил агресија и не го прекршил меѓународното право со бомбардирањето на Србија и Црна Гора во 1999 година, иако е тешко да се убеди македонскиот народ во ова бидејќи некои од тие бомби завршиле таму, рече Брнабиќ.
Таа потенцираше дека Вучиќ е политичар кој најмногу ги почитува жените и како доказ го посочи фактот што тој ја назначил првата жена премиер во историјата на Србија (самата Брнабиќ), за разлика од СДСМ кој, според неа, никогаш не дал таква доверба на жена.
Брнабиќ: Вучиќ не кажа ниту еден лош збор за Шекеринска, срамно е соопштението на СДСМ