СДСМ: Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка

од Nikola Popovski
65 прегледи

СДСМ го критикува потегот вработените во културата да не ги добијат своите плати пред празникот Велигден и сметаат дека нема значење извинувањето на министерот за култура, Зоран Љутков. Според СДСМ, Владата на ВМРО-ДПМНЕ направи груб и срамен удар врз културните работници токму во пресрет на големиот христијански празник.

-СДСМ прашува, зошто не се почитува колективниот договор? Зошто културните работници се навредуваат од страна на институцијата што треба да ги штити? Ако Љутков не е способен да ги исполни обврските, нека си поднесе оставка, велат од најголемата опозициска партија, истакнувајќи дека културните работници создаваат вредности, чуваат традиција и заслужуваат третман со достоинство, а не молк, навреди и игнорирање.

Љутков вчера им се извини на вработените во културата кои не добија плата пред Велигден. За неисплатените плати, министерот ги прогласи за виновни сите пред него кои на време обезбедувале плати за културните работници.

-Причината за ова е долгогодишниот, нерешен проблем со усогласувањето на платите на вработените во културата што пак секоја година создава огромни проблеми. За конечно и трајно да го надминеме овој предизвик мораше да се усогласат сите засегнати страни, што не било пракса во минатото и сето тоа за жал, доведе до доцнење со исплатата.

Ве уверувам дека оваа постапка која се одвиваше деновиве има за цел да создаде основа за подобро, поправедно и достоинствено вреднување на нашата работа во иднина. Ви се заблагодарувам на трпението, разбирањето и професионалноста што ја покажувате. Од мое име Ви се извинувам и Ве уверувам дека посветено работиме ваквите ситуации никогаш повеќе да не се повторат.., објави тој меѓу другото.

Над 3000 вработени во културата останаа без плати. Од Синдикатот на културата реагираат велејќи дека секоја година во април се јавува истиот проблем, поради некоректност на надлежните институции, и дека не добиле никакво објаснување кои се причините што работниците немаат плати. Тие велат дека се разочарани од министерот за култура и најавија протести во вторник пред Министерството во 12 часот.

Слични содржини