Три месеци Владата на ВМРО-ДПМНЕ негираше секаква вмешаност на Александар Нацев, како сопственик на агенцијата која го обезбедувала кабарето „Пулс“ во Кочани. Го бранеа, го амнестираа, додека родителите на жртвите во трагедијата бараа одговори и правда. Дури Мицкоски најави и оставка ако потврди дека некоја агенција за обезбедување била блиска до ВМРО-ДПМНЕ. И кога видоа дека не можат да ја избегнат вистината и дека мора да се спасат, ВМРО-ДПМНЕ сега го користат Нацев како жртвено јагне, надевајќи се дека јавноста ќе заборави кој навистина е одговорен, велат од СДСМ за денешното обвинение за универзитетскиот професор.
Според најголемата опозициска партија, апсењето на Нацев е задоцнето и не е никаков доказ за правда, туку, како што велат, добро позната матрица на ВМРО-ДПМНЕ за да се спасат актуелните функционери од одговорност за трагедијата во Кочани.
-Глумењето правда, најавите за т.н. мега проекти, нападите кон СДСМ – нема да го смират гневот на граѓаните, на родителите кои изгубија деца. Правдата ќе биде задоволена тогаш кога ќе има истраги и за оние кои денес се под закрила на Мицкоски, а не само селективни апсења и жртвени јагниња за лажна ПР-слика дека нешто се работи, стои во ставот на партијата на Венко Филипче.
Приватното обезбедување, заедно со други осомничените претходно не направиле безбедносна проценка и план за обезбедување, велат од Обвинителството.
„Без проверка на условите за противпожарна заштита и опасност од пожари, без да извршат проверка по однос на сигурносните услови во кабарето од аспект на имот и лица, особено по опасност и можност за евакуација, во текот на вечерта кога настанал пожарот, не контролирале и овозможиле влез на деца во објектот, не воделе грижа за преполнетоста на капацитетот за посетители во објектот, не спречиле внесување и користење експлозивни материи – пиротехнички средства од членовите на музичката група, со кои бил предизвикан пожарот“, се вели во соопштението од Обвинителството за проширената истрага.
Со судска наредба извршен е претрес на две локации во Скопје и во Пробиштип, како и во автомобилот на осомничениот, при што е одземена обемна документација, поврзана со правното лице и електронски уреди, а осомничениот е приведен. Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Кочанскиот суд бара определување мерка притвор.