СДСМ бара Христовски да даде објаснување за сертификатот на јавна седница на собраниска комисија

од Nikola Popovski
240 прегледи

Изборот на Бојан Христовски за директор на АНБ под сомнителни околности и со сомнителен сертификат за познавање на англиски јазик е најголем срам, но и понижување на државата и професионалците кои животот и работниот век го поминале во безбедносно-разузнавачката заедница. Од сите професионалци, ДПМНЕ го одбра тренерот по кик-бокс за директор и не почестија со фалсификуван сертификат, рече денеска пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска за именувањето на новиот директор во една од најголемите безбедносни институции во државата.

Петровска информира дека СДСМ добил прашања од свиркачи кои се дел од безбедносниот сектор.

-Каде бил Бојан Христовски на денот на полагањето? Каде престојувал ден или неколку дена пред датумот на полагањето? Што тој знае за скандалозните помилувања? Ова се прашања од јавен интерес, кажа пратеничката за сертификатот на Христовски.

СДСМ најавува поднесување иницијатива до претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР за свикување на седница, на која ќе биде повикан и токму Христовски. Бараат седницата да биде отворена за јавноста.

-Од таа седница, јавноста ќе може да се увери дека после оставката на Комисијата за помилување, кои беа наместени од структури на ВМРО-ДПМНЕ, треба да следи уште една оставка – овој пат во интерес на државата, а не партијата, додаде Петровска на прес-конференција во Собранието.

Викендов бугарскиот портал „Фактор“ објави дека на адресите во Пловдив, каде што Христовски тврди дека го добил ТОЕФЛ-сертификатот, нема такво јазично училиште. Порано таму била сместена компанијата „Julia Co.LTD“, но сега канцеларијата е затворена и работи онлајн. Во телефонски разговор лицето, кое одговорило на бројот објавен во брошурата, посочило дека компанијата не издава сертификати за ТОЕФЛ и не врши обука за добивање таков сертификат.

Слични содржини