„Скандалот со непотребно извршените кардиохируршки операции кој ја згрозува јавноста мора да има целосна разврска, без да се сокрие и најмал детал. Министерот за здравство Алиу, иако веќе утврдил дека за 10 случаи станува збор за непотребно извршени операции или непотребно упатување на операции, сѐ уште не кажува кои се болниците и лекарите што го направиле тоа. Ова е апсолутно недозволиво“, порачаа денеска од СДСМ по информациите на Интерната комисија од Министерството за здравство и утврдените случаи за кои немало потреба од хируршки интервенции.
Според СДСМ, објаснувањето дека нема да се откриваат имињата затоа што извештајот не бил конечен остава простор за манипулација со фактите и за менување на наодите. Оттаму упатија прашања:
-Дали министерот намерно не соопштува за да може да преговара или разговара со оние што го правеле тоа? Како е можно да е утврдено дека операциите се непотребно извршени, а истовремено извештајот да не е финален?
Во интерес на зачувување на довербата во здравството и во здравствените работници, кои колективно трпат штета од ваквото презентирање на наодите, СДСМ бара итно објавување на досегашниот извештај и наодите од него. Итно и транспарентно да се објават клиниките, како и сите поединечно инволвирани во процесот на носење одлука за операција на пациентите за кои, според Алиу, веќе е утврдено дека не требало да бидат оперирани, стои во соопштението од партијата од „Бихаќка“.
Од анализираните 19 случаи, кај десет, комисијата од Министерството за здравство утврдила дека биле извршени непотребни кардиолошки интервенции кај пациенти во приватни болници. Комисијата дополнително ќе ги анализира случаите, заедно со странските експерти кои ќе се вклучат во работата.
Претседавачот на комисијата, д-р Жарко Христовски рече дека со резултатите од оваа првична анализа, ќе настапат заедно со меѓународната комисија којашто е поканета од страна на Министерството за здравство, во дополнителна анализа на овие случаи во кои е утврдена проблематична индикација, или проблем во поставување на индикација, односно стратегија за лекување.