СДСМ потсетува дека иако и беше изгласана недоверба на претседателката на Комисија за социјална политика, Илирие Даути, претседателот на Собранието, Африм Гаши вели дека тоа не е обврска за нејзино разрешување и дека нема правно дејство. Од партијата на Венко Филипче велат дека нема да навлегуваат во фарсата којшто во македонското Собрание ја прават Левица, ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ.
СДСМ се децидни дека целата одговорност и околу несвикувањето седница за Законот за бранители и сега по усвоената недоверба за Даути е кај претседателот на Собранието, Африм Гаши. Бараат да соопшти што ќе преземе и кои се неговите следни чекори.
Колку за потсетување, пратеничката група на СДСМ не присуствуваше на седницата во петокот на која беше дискутирано и гласано за интерпелациите.
Никој од координаторите кај спикерот Гаши не го покренал прашањето, како и што понатаму: дали ќе биде разрешена од претседателското место во Комисијата, дали Европскиот фронт ќе именува нов претседател или Даути ќе си остане на позицијата на која е.
Вицепремиерот Меџити вели дека Даути ќе ја задржи функцијата.
Од Левица велат топката е сега кај мнозинството.
„Имаме на ум низа чекори кои ќе ги преземеме за процесот да дојде таму каде што треба да заврши, а тоа е крајно да добиеме нов претседател на Комисијата за социјална политика“, соопштија од Левица.
Илире Даути преку пишан став посочува: „Соочена со изборот помеѓу губење на функцијата претседател на Комисијата и дејствување под диктат, според условите поставени од левица и предложени како заклучок од Африм Гаши, не се сомневам дека ќе ја прифатам слободата на дејствување како пратеничка, како што сум направила до сега, слободно и независно“.
Од кабинетот на собранискиот спикер го повторија ставот дека изгласаната интерпелација нема обврзувачки последици за разрешување.