СДСМ бара од ВМРО-ДПМНЕ да го прифати предлогот – функционерите да имаат само македонско државјанство

од Nikola Popovski
42 прегледи

Ставот на Христијан Мицкоски дека има поголеми и помали Македонци е омаловажувачки. Фактот дека Сања Божиновска поседува бугарски пасош е „поголема Македонка“ од тие кои останале верни на својот македонски идентитет е навреда за сите кои не извадиле бугарски пасоши, порачаа денеска од СДСМ и побараа од премиерот и ВМРО-ДПМНЕ да ја поддржат иницијативата за законски измени во Собранието со кои ќе се постави јасен услов: премиерот, вицепремиерите, министрите, пратениците и претседателот на државата да бидат лица кои имаат само македонско државјанство.

СДСМ ќе бара законските измени да важат веднаш и за актуелниот состав на Владата.

Министерката за енергетика и рударство, Сања Божиновска завчера преку соопштение уште еднаш порача дека во моментов нема важечка бугарска патна исправа и документ за идентификација. Ваков коментар доаѓа од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, чија министерка повторно се најде на тапет откако бугарската агенција БГНЕС ја објави декларацијата со која таа во октомври 2004 година изјавила дека има бугарска самосвест и бугарско потекло.

Божиновска тврди дека поседува само македонско и чешко државјанство. Во соопштението испратено од нејзиното министерство до МИА се тврди дека „државјанството кое го поседувала во минатото е земено од економски причини како што тоа го направиле многу македонски граѓани, а не како што некои актери сега сакаат да ја извртат вистината дека станува збор за национални причини“.

Пред десетина дена, министерката се огласи на социјалните мрежи по повод изјавата на бугарската потпретседателка, Илијана Јотова која кажа дека лично ги видела нејзините документи и таму стои дека изјавува дека има бугарска самосвест.

-Госпоѓата Јотова живее во свет на фантазии од деветнаесеттиот век. Ниту еден граѓанин на Македонија нема потпишано изјава дека се чувствува за Бугарин, туку тоа го прават бугарски адвокати кои наплаќаат пари за да посредуваат. Ниту еден граѓанин на Македонија кој добил бугарско државјанство не се чувствува за Бугарин. Всушност тоа го видовме и на пописот во Македонија со екстремно симболичната бројка на попишани Бугари, објави Божиновска.

Божиновска ја повика Јотова, наместо со „ситни полициски подметнувања“, да се фокусира на признавањето на правата на Македонците во Бугарија како малцинство и да им обезбеди основни човекови права.

Бугарскиот европратеник Андреј Ковачев застана во одбрана на македонската министерка за енергетика. Тој во објава на социјалните мрежи замери дека „Божиновска се соочува со јавен линч во Македонија бидејќи е Бугарка“.

-Таа и нејзиното семејство, заедно со над 150.000 други граѓани на РСМ, стекнале бугарско државјанство врз основа на докажано бугарско етничко потекло и изјавиле дека се чувствуваат како Бугари. Покрај Сања Божиновска, има и десетици актуелни или поранешни премиери, министри и заменици кои самите или нивните семејства се во иста ситуација на најголемиот прекршок – да се Бугари. Очигледно е дека за да ги задржат своите функции и кариери, тие се принудени да ја кријат својата бугарска самосвест и потекло, а често дури и да ја клеветат Бугарија само за да не бидат осомничени дека се Бугари. Без да ги оправдам за ова, донекаде ги разбирам – тие само се обидуваат да преживеат по цена на се. Иако формално на високи позиции, и тие, како и другите десетици илјади Бугари таму, се жртви на антибугарската пропаганда и омраза, останати од времето на комунизмот и Титова Југославија, а кои денес станаа главни државната идеологија и политика, објави Ковачев на својот официјален Фејсбук-профил на почетокот на месец октомври.

Европратеникот ги повика „бугарските власти и институции да ги заштитат правата и честа на Божиновска, нејзиното семејство и сите други граѓани на РСМ кои се дрзнале да го признаат своето бугарско потекло и да се изјаснат како Бугари“.

На последната прес-конференција одржана на почетокот на октомври од страна на министерката по повод 100 дена од мандатот на Владата, Божиновска рече дека поседува македонско и чешко државјанство откако беше запрашана од новинар дали се уште поседува бугарско државјанство. Таа притоа го праша новинарот „дали (таквото прашање) е релевантно за отчетот за енергетика“ за изминатите 100 дена од Владата.

Беше запрашана и дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.

-Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам, одговори Божиновска.

Слични содржини