СДСМ бара одговорност од Јаневска затоа што ги „остави учениците без учебници“

Учебници има само за најмалите – од прво до трето одделение, а за четврто и петто одделение состојбата е вистинска катастрофа, обвинија од СДСМ

од Nikola Popovski
19 прегледи Фото: Фејсбук

Министерката за образование Весна Јаневска, по неколкунеделните манипулации и уверувања дека на 1 септември секое дете ќе добие учебници, конечно ја призна вистината – учебници за сите ученици НЕМА. Со ова, министерката директно си ги потврди лагите и манипулациите со јавноста. Прво тврдеше дека „сè е подготвено, сè е под контрола, учебници на 1 септември ќе има за сите ученици“, потоа обвини дека СДСМ лаже, за да на крај под притисок на јавноста и на фактите, ретерираше и го призна она што СДСМ го тврдеше – дека учебници за сите нема, порачаа денеска од партијата на Венко Филипче преку прес-конференција.

Според партијата, наместо вистински да работи за подобри услови во образованието, министерката Јаневска спроведува постојана изборна кампања – шета по училишта, по печатници и држи говори дека се е решено, додека реалноста е сосема спротивна.

-Децата на почетокот на учебната година немаат сите учебници, наставниците работат во сè потешки услови. Ако министерката Јаневска манипулира со јавноста, лаже и ако не е способна да го води ресорот, а јасно е дека не е – најдобро е да си поднесе оставка. Учебната година започна, а учебници нема – иако власта потроши 11 милиони евра. Учениците од осмо одделение немаат учебници по математика, историја, хемија, физика и странски јазици.

Учебници има само за најмалите – од прво до трето одделение. За четврто и петто одделение состојбата е вистинска катастрофа. И тие малку што ги има се нецелосни и испарталени. Родителите се принудени да печатат материјали од Вибер-групи, додека децата буквално немаат од што да учат, кажаа од СДСМ, додавајќи дека ова е доказ за целосната неспособност на власта.

Министерката за образование и наука, на 31 август, еден ден пред стартот на новата учебна година рече дека има учебници за сите ученици, за пред три дена дена, да го каже спротивното.

-Од прво до трето одделение нема никакви поплаки. Во четврто одделение има проблем со учебникот по математика и ќе се обидеме да го решиме. Во петто, имаат нов учебник по историја и општество, во шесто имаат учебник по историја нов, а учениците во седмо, добиваат нови учебници по сите предмети. Во осмо одделение, предизвик е учебникот по историја, одобрен од минатите влади, а повлечен од 2019 година од МНР поради барањето на мешовитата комисија. Зошто никој од претходните министри не презеле нешто за учебникот, да биде испечатен нов, ќе мора да ги прашате нив. За 14 дена ќе биде објавен конкурсот за новите наставни програми за осмо одделение, а тоа значи дека догодина ќе има комплетно нови учебнци вклучувајчи и нова историја. Учебникот кој сега се дели по училишта не е одобрен учебник, рече Јаневска.