Помина половина месец од почеток на учебната година, а учебници нема за илјадници ученици. Ова е најдобар доказ за целосната неспособност на министерката Весна Јаневска, соопштија од СДСМ.
Иако, велат од партијата, самата Јаневска тврдеше дека на 1 септември ќе има учебници за сите ученици, дека нема да има парталави учебници, дека тие ќе бидат заменети со нови, реалноста денеска е поразителна, учебници нема, а тие што ги има се искинати и неупотребливи.
-Признанието на Јаневска дека учебници нема, но дека допрва ќе се обезбедувале преку донации е скандалозно. Па што му е работа на Министерството за образование и наука, да моли донации или навреме да обезбеди книги за децата?! За што е платена Весна Јаневска од граѓаните? За сликање или за обезбедување на основните услови за настава?
Не може учениците и родителите да бидат жртви за оваа неспособност. Поради неспособноста да обезбеди основни услови во образованието, бараме оставка од министерката Весна Јаневска, стои во партиското соопштение од „Бихаќка“.
Министерката за образование рече дека проблемот со недостигот на учебници во некои училишта е поради тоа што не пријавиле навреме колкав број им е потребен за замена на неупотребливите учебници.
На прашање во кои училишта има вакви проблеми, таа одговори „за жал, низ целата земја имаме такви примери“. Но, рече, веќе се обидуваат да обезбедат поголем број учебници. Дополнително, како што посочи, „има мала несоодветност во распределбата“, па некаде каде што има вишок ги префрлаат во училишта каде што недостигаат.