СДСМ бара оставка од Тошковски и за потфрлањето со пожарите

од Илинка Илиоска
17 прегледи

СДСМ ја обвини Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за катастрофалното справување со пожарите кои горат речиси цел месец, уништувајќи околу 5% од територијата на Македонија. Според соопштението на СДСМ, досега се опустошени над 1.200 километри шума, а пожарите зафатија и делови од националните паркови.

„Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ потфрли во справувањето со пожарите и за тоа мора да има одговорност,“ се вели во соопштението. Партијата бара оставка од Тошковски, кој е на чело на Кризниот штаб.

„Тошковски треба веднаш да си поднесе оставка. Лошата координација со воздухопловите и спорото делување на институциите, за што со денови предупредувавме, се покажува како најголемо потфрлање на Управувачкиот комитет за системот за управување со кризи,“ наведува СДСМ, истакнувајќи дека нивните претходни апели за неспособноста на Тошковски биле игнорирани.

Партијата ја повикува Владата не само да го смени Тошковски, туку и да го ревидира целиот систем на делување во справувањето со кризата.

„Сите институции да се фокусираат на кризата со пожарите, да се обезбеди поголема ефикасност и делување на воздухопловите,“ порачуваат од СДСМ.

СДСМ исто така истакна дека, и покрај сериозноста на состојбата, Владата и премиерот се фокусираат на ПР и дневно-политички промоции, наместо на управување со кризата. „Одговорен премиер и одговорен министер, при ваква состојба секојдневно ќе бидат во кризниот штаб и ќе управуваат со институциите, а не да ги гледаме како се занимаваат само со ПР и дневно политички промоции,“ додаваат тие.

Партијата потсетува дека во изминатиот период СДСМ одговорно се однесувала, не сакајќи да ја подгрева тензијата, но состојбата во земјата сега е пресериозна и бара итна акција. „Состојбата со која се соочува земјата е пресериозна и во голема мера последица на неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ и Владата,“ велат од СДСМ.

Слични содржини