СДСМ бара оставка од Тошковски: „Трето пукање за само еден месец“

од Nikola Popovski
79 прегледи

После синоќешното пукање во скопски Чаир, од СДСМ излегоа со соопштение, наведувајќи дека се „потврдува сериозно влошена безбедност на улиците и целосната неспособност на министерот Панче Тошковски и МВР“.

Според најголемата опозициска партија, „над 20 оружени инциденти се случија во изминатите 100 дена власт на ВМРО-ДПМНЕ, при што ова е трето пукање за само еден месец“.

-Уште колку човечки животи треба да бидат загрозени пред Тошковски да ја преземе одговорноста за хаосот на улиците и да си даде оставка, прашуваат од „Бихаќка“.

Доцна синоќа повторно престрелка во Чаир. Во градската општа болница „Свети Наум Охридски“ бил пријавен 35-годишен маж со прострелна рана во ногата.

Повредениот бил нападнат додека се движел пеш по улицата „Христијан Тодоровски-Карпош“, по што бил пренесен в болница, информираат од Министерството за внатрешни работи.

Извршен е увид на местото на настанот и полициските службеници преземаат интензивни мерки за расчистување на случајот. Повредениот е хоспитализиран и е во стабилна состојба.

Пред десетина дена во Чаир исто така имаше пукање во кое беше повредено едно лице. Пукањето, како што информираа од МВР, се случило на улицата „Цветан Димов“, а во повредениот било пукано од возило „пасат“.

Слични содржини