СДСМ бара реакција од Обвинителството за, како што наведува, сомнителни тендери вредни милиони евра

Опозициската СДСМ денеска побара реакција од Јавното обвинителство во врска со, како што тврди, серија сомнителни јавни набавки во кои одредени фирми добиле голем број тендери со значителна финансиска вредност.

од desk4
12 прегледи Фото: Принтскрин

Опозициската СДСМ денеска побара реакција од Јавното обвинителство во врска со, како што тврди, серија сомнителни јавни набавки во кои одредени фирми добиле голем број тендери со значителна финансиска вредност.

Од СДСМ посочуваат дека поминале повеќе од 50 дена откако во јавноста биле објавени информации за наводни злоупотреби во постапките за јавни набавки, но дека институциите, според нив, сè уште не презеле конкретни чекори.

„Станува збор за 161 тендер доделен на една фирма и 52 тендери на друга, како и за договори во вредност од девет милиони евра за компанија со само двајца вработени, како и 1,2 милиони евра за фирма поврзана со партијата ЗНАМ преку Пошта“, се наведува во соопштението.

Од опозициската партија прашуваат како е можно, според нивните тврдења, истите компании да добиваат милионски договори, а Обвинителството да не реагира, оценувајќи дека институционалниот молк испраќа порака за селективна примена на законите.

Во соопштението се упатуваат и критики кон премиерот Христијан Мицкоски, за кого СДСМ тврди дека воспоставил целосна контрола врз институциите, вклучително и судството и обвинителството, што, според нив, ја доведува во прашање најавената борба против корупцијата.

СДСМ најавува дека ќе продолжи да ја следи состојбата и да ја отвора темата за, како што наведува, криминал и корупција во институциите, потенцирајќи дека, според нив, одговорност мора да има и дека случајот не е затворен.