СДСМ бара ВМРО-ДПМНЕ да го прифати нивното решение за дополнителни 3 денари за килограм грозје

Лозарите мака мачат, Владата без проблем им даде 2 денари поддршка на винариите - реагираат од СДСМ

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: СДСМ

Денеска, кога се слави традиционалниот „Тиквешки гроздобер“, манифестација која потсетува на важноста на лозарството и винарството, за нашите лозари е ден на разочараност и неизвесност. Лозарите се оставени сами да се борат и со винариите и со државата.

И по една недела, нема никаков одговор од владејачкото мнозинство во Собранието, за предлогот што ние, од пратеничката група на СДСМ, го поднесовме за дополнителна финансиска поддршка на лозарите од 3 денари за килограм, изјави денеска екс-министеррот Трајан Димковски, кој е претседател на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство во СДСМ.

Додека бербата и откупот на винското грозје се ближат кон крајот, додава Димковски, нема најава ниту дали, ниту кога ќе биде ставен на дневен ред предлогот за изменување на Законот за вино по скратена постапка, што го поднесовме во Собранието.

-Додека власта нема слух за 3 денари поддршка за лозарите, без проблем им даде 2 денари поддршка на винариите. Лозарите алармираат дека одредени винарии имаат увезено вино и затоа се намалува откупот на винското грозје, иако сè уште не е завршена бербата, истакнуваат од СДСМ,  повикувјќи ја Владата да провери и да одговори колку вино е увезено, од кога и за која намена.

Димковски тврди дека Владата и МЗШВ не ја објавија производната цена на грозјето, иако се законски обврзани да го сторат тоа.

-Со тоа, винариите беа ослободени од обврската да ја почитуваат методологијата која предвидува надомест од најмалку 25% над производната цена, посочуваат меѓу другото од СДСМ.