„Каде се случило владејачката партија да бара оставка од претседателот на опозиционата партија? Тоа е апсолутен апсурд, достоен за сценарио од Монти Пајтон“, велат од СДСМ по повиците од ВМРО-ДПМНЕ.
Според опозициската партија, ВМРО-ДПМНЕ дава секојдневни совети и сугестии за подобрување на СДСМ, па дури сака да го бира и претседателот на партијата.
-ВМРО, наместо да се фокусира на огромните проблеми со кои се соочуваат граѓаните, се претвори во партија која по цел ден се занимава со криминални тендери и со напади врз СДСМ. Како да се „консултанти“ а не партија.
А сега и бараат оставка од претседателот Венко Филипче? Знаеме дека сакаат контролирала опозиција, но тоа треба на друго место да го бараат, не во СДСМ. Што очекуваат следно? СДСМ да ѝ каже на власта: „Ви благодариме што сте на власт, ве молиме останете уште!“
Каде е логиката? Во циркусот на Монти Пајтон, можеби и во ВМРО, никаде на друго место, стои, меѓу другото, во соопштението од СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжија со обвинувањата дека Венко Филипче и Зоран Заев сакале да ја преземат болницата на Жан Митрев. Како што истакна пратеникот Бране Петрушевски, Филипче и Заев преку својата политичка моќ и државните институции му вршеле притисоци на Жан Митрев за да му ја земат болницата.
„Според изјавите на доктор Жан Митрев, Заев и Филипче рекле дека тие ќе ја одредат вредноста за откуп на уделите во болницата а за возврат ќе му помогнат во судскиот процес. Дали е ова моделот по кој Филипче сака да ја води Македонија доколку повторно дојде на власт. Наместо да поднесе оставка и да ја препушти СДС на чесни и млади луѓе Филипче ја држи фотелјата на Заев и продолжува да работи по негови насоки.“, вели Петрушевски.