Сега кога граѓаните сами се кренаа, ВМРО-ДПМНЕ глумат дека се на негова страна, велат од СДСМ за најавениот бојкот на маркетите во петок на 31-ви јануари. Според најголемата опозициска партија, овој бојкот не е само бојкот против маркетите, туку, како што велат, бунт против нечесната власт која со својата неспособност и алчност дозволи народот да биде ограбен.
-ВМРО-ДПМНЕ стоеше со скрстени раце додека цените одеа во облаци, додека луѓето броеја денови до следната плата, додека пензионерите не знаеја како да ги платат сметките. СДСМ ја поздравува храбрсота на граѓаните да се самоорганизираат и ги преземат работите во свои раце, стои меѓу другото во соопштението на партијата на Венко Филипче.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера изјави дека има разбирање за најавениот бојкот на продавниците. Тој им рече на новинарите дека долго време зборувал за „однесувањето на поединци во трговскиот бизнис“ кои „шпекулативно се обидуваат да остварат високи профити“.
„Институциите, пазарната инспекција, ја следат состојбата и навремено реагираат“, додаде Мицкоски.
Граѓаните од завчера на социјалните мрежи споделуваат иницијатива за бојкот на супермаркетите во петок, 31 јануари, поради високите цени на производите, по примерот на Хрватска. Слична акција се најавува и во Словенија, Црна Гора и БиХ.