Институцијата што ја гарантира безбедноста на секој авион што влегува и излегува од македонското небо, М-НАВ, денес е партиска испостава полна со роднини, пријатели и верни војници на партијата, обвинија попладнево од СДСМ. Од најголемата опозициска партија ги набројуваат вработените лица во Македонската навигација, а се блиски до ВМРО-ДПМНЕ.
-Прво таму се вработува Атанас Стамнов, човек од Патриотскиот институт на ДПМНЕ, без никакво релевантно искуство во воздушниот сообраќај. Неговата сопруга е Анита Стамнова, директорка на Централниот регистар, што значи дека целото семејство е соодветно вдомено. Потоа, братот на претседателот на управниот одбор, Владимир Ристовски, е исто така внатре во партиската шема, активен член на општинскиот комитет на ДПМНЕ во Карпош. Неговиот брат, Александар Ристовски, неодамна е унапреден во М-НАВ.
Понатаму, Горан Јандреовски е член на Надзорниот одбор поставен од ДПМНЕ кој е запаметен во Црна Гора како „најлош менаџер“. Овој пат, наместо бизнис, под негова сенка е воздушниот сообраќај на Македонија, истакнуваат од СДСМ.
Според партијата, ова е опасна игра на ДПМНЕ со безбедноста на патниците.
-Секој полет и секое слетување сега минува низ систем каде врските и фамилијарните линии се поважни од знаењето и стручноста. ДПМНЕ го претвора управувањето со небото во ризична партиска авантура.