СДСМ да излезат на прес-конференција и да се извинат што дозволиле ДУИ и Груби да крадат, бара Лефков

од Nikola Popovski
36 прегледи

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков денеска порача дека СДСМ и нејзиниот претседател, Венко Филипче „сега влегоа во филм да зборуваат ДУИ не чини или само декларативно се оградуваат од нив“. Лефков бара СДСМ за почеток да излезат на прес-конференција и да им се извинат на граѓаните што, како што вели, дозволиле ДУИ и Артан Груби да ги крадат народните пари.

-Филипче како прв човек на СДС треба да признае дека додека бил функционер во владата на СДС и ДУИ истата ги дозволувала криминалните активности на ДУИ.  Токму поради ова Филипче треба да помогне на правосудните органи во докажување на криминалот, бидејќи се претпоставува дека се минимум правно писмени и треба да знаат дека доколку не ги споделат информациите може да се сметаат и за соучесници.

Значи Филипче и СДС прво треба јавно да се извинат, да се оградат и да помогнат на правосудните органи во докажувањето на криминалните активности на ДУИ во период кога беа коалициски партнери, рече Лефков во своето обраќање на прес-конференција.

Поранешниот вицепремиер Артан Груби доби отказ од Правниот факултет на отсекот за новинарство, на Државниот универзитет во Тетово. Постапката за завршување на работниот однос на Груби, кој е недостапен за органите за прогон од 15-ти декември и е осомничен во случајот „Државна лотарија“, била почната минатата година.

„Уште од 24 декември му е прекинат работниот однос на Артан Груби како асистент по новинарство. Решението за отказот е пратено по пошта и на службена е-пошта. Значи од тогаш веќе не е во работен однос на универзитетот“, изјави неодамна Сафет Емрули, декан на Правниот факултет при тетовскиот универзитет.

Во петокот, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски повторно го повика поранешниот вицепремиер да се врати во земјава за да ја докаже својата невисност во однос на обвинувањата дека тој и поранешниот директор Прпарим Бајрами проневериле околу 8 милиони евра од Државна лотарија.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали има нови моменти во однос на потрагата за овие две лица по отворањето на нова канцеларија на Управните служби на МВР во Желино, Тошковски нагласи дека од надлежните институции се работи во насока на нивно откривање, односно распишана е меѓународна потерница и за двете лица.

– Доколку истиот не покаже доблест да се врати во државата која што го хранела повеќе од 40 години, ќе се постапи на друг начин за негово обезбедување пред надлежните институции – рече министерот, посочувајќи дека е јасно пропишана постапката за екстрадиција за одредени лица кои се недостапни на законот.

Слични содржини