СДСМ оцени денес дека цвета корупцијата во земјоделството и дека место напредок, кадарот на ВМРО-ДПМНЕ во Агенцијата за земјоделство, Илија Стоилев, спроведувал рекет. Обвинуваат дека Стоилев е поставен од министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски.
-Ова е уште една потврда дека корупцијата во земјоделието цвета, дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството била дувлно на злоупотреби на парите за земјоделците од ИПАРД програмите.
Повеќе од година и пол низ земјоделските кругови се зборува дека се бараат провизии, се задржуваат предмети во фиоки, дека се вршат притисоци врз службеници кои одбиваат да бидат дел од тој механизам.
Сега тоа доби и конкретна потврда, директорот од ДПМНЕ е фатен со рацете во криминал. Прашањето е дали и министерот Трипуновски е замешен во оваа корупциска шема, порачуваат од СДСМ и прашуваат дали ќе си поднесе оставка.
Според партијата од „Бихаќка“, овој корупциски скандал е директна закана ИПАРД програмата целосно да биде суспендирана од ЕУ.
-Денес, по само година и пол власт на ДПМНЕ и Трипуновски избива огромен корупциски скандал. Ова е слика на Македонија под ВМРО-ДПМНЕ: држава на партиска корупција на секое ниво каде парите на земјоделците ги крадат функционерите на власт, посочија од СДСМ.
Вчера попладне беше уапсен директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството. Се сомничи за примање поткуп, според првичните информации од апликант за финансиска поддршка од ИПАРД програмата. Обвинителството за гонење криминал и корупција и МВР вршеа претреси на неколку локации.