СДСМ: Дали Симе од сликите со Мицкоски е поврзан со дрогата од 5 тони?

„Исто како што нема одговор ниту за дрогата од 5 тони запленета во Србија, а дошла од Македонија. Особено ако се знае дека уапсените во соседна Србија се функционери и финансиери на сестринската партија на ВМРО – СНС“, велат од „Бихаќка“

од Nikola Popovski
21 прегледи Фото: СДСМ

СДСМ повторно прашува каква е поврзаноста на премиерот Христијан Мицкоски со Симе, за кој велат дека е криминалец уапсен со поголема количина дрога, оружје, муниција и пари. Од партијата наведуваат дека сите надлежни молчат, а како што истакнуваат, има цел албум со фотографии на Мицкоски во друштво на Симе, видео како пука со автоматска пушка калашников.

-Исто како што нема одговор ниту за дрогата од 5 тони запленета во Србија, а дошла од Македонија. Особено ако се знае дека уапсените во соседна Србија се функционери и финансиери на сестринската партија на ВМРО – СНС. Нема одговори кој ќе одговара во Македонија, кој се е замешан, каде завршиле парите? Дали дел од фирмите во Македонија имаат некаква врска со финансирање на ВМРО? Сите молчат. Дали лицето С.З., познат како Симе, кој е на сликите во друштво со Мицкоски е поврзан со дрогата од 5 тони? Тоа ли е причината што се молчи за овој картелски скандал, прашуваат од „Бихаќка“.

Премиерот Мицкоски на прашањето како би искоментирал дека пет тони марихуана поминале незабележано низ државата, вчера одговори: „А како знаеме дека поминале?“. Потоа додаде дека ќе се воздржи од коментари додека истрагата е во тек.

Претходно српските власти запленија пет тони марихуана, а српските медиуми објавија дека дрогата е со потекло од Македонија.

Од Јавното обвинителство за организиран криминал на Србија соопштиле дека уапсените се членови на организирана криминална група. Во соопштението оттаму додале дека криминалната група ја складирала марихуаната во простории на трговската компанија „Флораком“, од каде што понатаму ја дистрибуирала на територијата на главниот град на земјата, Белград, за натамошна продажба.

Слични содржини