Скандалот со тендерот вреден 1,8 милиони евра, што Владата на Христијан Мицкоски го распиша за промоција на настан кој ќе се случи дури во 2027 година, станува сè поголем и посрамен. Тендерската документација покажува дека таа е полна со услови кои отвораат сериозен сомнеж дека тендерот е однапред наместен за одредена компанија. Тендерот очигледно е уште еден механизам за Владата да си избере „своја“ маркетинг агенција преку која ќе се одвива и финансира претстојната изборна кампања, порача денеска портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска за саемот ЕКСПО во Белград, настан што треба да се одржи дури во 2027 година.
Кузеска прашува дали ова е уште, како што вели, една шема на ВМРО-ДПМНЕ за со јавни пари да си обезбеди медиумски простор, билборди, реклами и инфраструктура за изборната кампања во октомври. СДСМ обвинува дека „ова е уште еден доказ дека власта ја гледа државната каса како партиска своина, а јавните набавки како начин да си ги плати своите политички потреби“.
„Ги прашуваме јавно: Зошто две години пред настанот се бира агенција и се потпишува договор и колку пари ќе завршат за вистински промоционални активности за настанот, колку во џебовите на ВМРО-ДПМНЕ, колку ќе се потрошат за изборната кампања во октомври? Уште утре ќе излеземе со целосна анализа на тендерската документација и ќе ги изложиме сите сомнителни услови со кои е наместен овој тендер за „своја“ агенција“, најави портпаролката на СДСМ.
Од „Бихаќка“ бараат одговорност и ја повикуваат јавноста будно да следи како и на што се трошат парите на граѓаните.