СДСМ: Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе каже колку пари во форма на донации земале од осомничените од „Пулс“?

од Nikola Popovski
55 прегледи

Пратеникот на СДСМ, Миле Талески денеска порача дека речиси четири месеци, премиерот Христијан Мицкоски и министерот Панче Тошковски ја прикриваа вистината за трагедијата во Кочани и правеа сè за да ги заштитат полициските функционери поставени од нив. Пратеникот посочи конкретни примери.

-Главната инспекторка за економски криминал Кристина Јованова да не е опфатена со истрагата. Како е тоа можно? Таа имала надлежност да постапи, а не презела ништо, иако дискотеката „Пулс“ работела нелегално повеќе од една година – без лиценца, со блокирана сметка. Дури и сè уште е на функција. Затоа е заштитена од политички структури на власта и скриена зад ѕидот на молкот и неказнивоста. Штитејќи ја неа, всушност се штити и директорот на БЈБ, кој е директно одговорен за нејзиното (не)постапување.

Одиме понатаму. Полицијата имала обврска да го затвори објектот, а не да спроведува контроли кои биле спротивни на процедурите. Не се прави контрола на објект кој нелегално работи тој се затвора. Полицијата исто така имала должност да спречи внес на пиротехнички средства, за што знаеме дека е клучен причинител за пожарот. А кој ги постави сите овие началници, одговорни полицајци, надлежни полициски службеници? Кој им давал наредби? Тошковски и Јанев. Затоа одговорноста мора да почне од нив, кажа пратеникот.

СДСМ најавува дека следува продолжение, „Вистината за Кочани 2“ – со нова серија факти и аргументи, со нови информации.

-Јасно прашуваме: Ќе каже ли ВМРО-ДПМНЕ колку пари во форма на донации земале од осомничените од Пулс? Правда за Кочани мора да има. За Кочани, за жртвите, за семејствата, за правната држава, кажа Талески.