Христијан Мицкоски денеска случајно или не призна дека оставката на членот на Комисијата за историски и за образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија, Ванчо Ѓорѓиев, е негово дело и по негова инструкција, стои во реакцијата на СДСМ по изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој денеска ги повика сите членови на историската комисија да си поднесат оставки
-Со повикот до останатите членови на Комисијата и тие да си дадат оставка, Мицкоски се обидува по којзнае кој пат да ги поткопа позициите на државата и да ги влоши односите со Република Бугарија.
И Комисијата и владата ги демантираа лажните вести на Ѓорѓиев за наводни притисоци врз работата, но тоа не го спречува Мицкоски во неговите деструкции.Одамна е прочитано ваквото неодговорно, антинародно и антидржавно однесување на Мицкоски, затоа повторно ќе биде казнет од граѓаните, велат од СДСМ.
Мицкоски денеска ги повика сите членови на историската комисија да си поднесат оставки.
-Шокиран сум од веста дека професорот Ѓорѓиев си поднел оставка. Ние имаме јасна Декларација во Парламентот и очекувам да се држат до Резолуцијата што ја усвои македонскиот Парламент. Очекувам личните и бизнис интереси да бидат оставени на страна и апелирам до членовите на историската комисија за трезвеност, патриотски чувства, затоа што ова се чувствителни моменти за македонскиот народ и да внимаваат што преговараат и што потпишуваат, изјави Мицкоски.
Ова следува откако денеска едниот член, професорот Ванчо Ѓорѓиев се повлече од функцијата. Според него, „имало притисок и мешање на висок функционер на МНР во работата на Комисијата“.