„Не баравме ниту роднинско стебло ниту извод од Димса Арсовски туку да одговори на прашање дали е роднински поврзан. И нема за што да му се извинуваме“, порачаа од СДСМ како реакција на објавата на поранешниот портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата на Венко Филипче за Арсовски порачаа: „Човек без работен стаж коментира нечии кариери? Човек кој лаже и краде бара извинување?“.
-СДСМ не се извинува на криминалци. Ниту Груевски и Мијалков не се со исто презиме па сепак се роднини. Димса не дефокусирај, она што е сигурно: сите вие во ВМРО-ДПМНЕ сте роднини по криминал, посочуваат од СДСМ.
Претходно од СДСМ објавија документи, според кои, тендери вредни речиси 9 милиони евра, се дадени на фирма со двајца вработени лица, формирана пред само една година.
-Четири од шест договори се добиени од Генералниот секретаријат на Владата на Мицкоски. Ова е класична шема за испумпување на пари од граѓаните преку фирми блиски до власта, децидни се од „Бихаќка“.
Претходно Арсовски ги демантираше денешните тврдења на СДСМ и негираше било каква поврзаност со фирмата со двајца вработени, основана лани, а веќе добила тендери во вредност од речиси 9 милиони евра.
„Денеска СДСМ повторно покажа и докажа дека влијанието од заевизмот и многуте лиценци поделени за одгледување марихуана, сеуште владеат во СДСМ. Некое момче во залез на кариера после сериозен пораз на избори, нарекувајќи се втор човек во партијата, јавно се обидел да ме поврзе со некаков си тендер од неколку милиони евра, само и само затоа што сопственикот носел исто презиме како моето“, рече, меѓу другото, тој.