СДСМ до Мицкоски: Со Дрисла управува ВМРО-ДПМНЕ заеднички со ДУИ

СДСМ: „Даме Димитровски, актуелниот советник на премиерот за животна средина во Владата и поранешен претседател на Комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, е претседател на Управен одбор на Дрисла“

од Nikola Popovski
36 прегледи Фото: Фејсбук

Ниту Христијан Мицкоски ниту ВМРО-ДПМНЕ не можат да побегнат од одговорноста за еколошката катастрофа којашто му се случува на Скопје и труењето на граѓаните поради горењето на депонитте Дрисла и Вардариште, соопштуваат од СДСМ.

Според партијата, токму Даме Димитровски, актуелниот советник на премиерот Мицкоски за животна средина во Владата и поранешен претседател на Комисија за животна средина на ВМРО-ДПМНЕ, е претседател на Управен одбор на Дрисла.

СДСМ тврди дека претходно ВМРО-ДПМНЕ имаше и директор на Дрисла, Јане Мицевски, магистер за туризам и менаџмент.

-Со депонијата Вардариште пак со децении управуваат градоначалници на ВМРО – ДПМНЕ, како Коце Трајановски, Бобан Стефковски. ВМРО-ДПМНЕ и нивните градоначалници пред 4 години ветуваа „затворање на Вардариште, намалување на стакленички гасови, покривање и озеленување“. Тимчо Муцунски ветуваше „дислокација на претоварната депонија Вардариште“. Мицкоски и Арсовска ветуваа „зелена зона Вардариште“ со спортско-рекреативни терени. ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „фабрика за селекција на отпад“ во Дрисла, порачуваат од „Бихаќка“.

Според партијата, денеска ништо од ова не е исполнето.

-Вперувањето на прстот кон други е признание на Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ не само што не ги исполни ветувањата кон граѓаните туку не мрдна со прст и ги остави скопјани да се трујат, нагласуваат од СДСМ.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски, вината ја префрли кај ДУИ.

„Но, чудно е, чудно е! Сочувствувам со секој граѓанин којшто го чувствува ова, но чудно е како во одредени јавни претпријатија каде што свои кадри има ДУИ се случуваат вакви работи. Во одредени јавни претпријатија кадешто свои кадри има ДУИ, се случуваат вакви работи. Чудно е! И тоа ќе го истражиме, ќе го истражиме и ќе обезбедиме соодветни докази како може пожар којшто беше речиси смирен, односно ставен под контрола, наеднаш да се распламти и како токму сега, откако успешно се справивме со пожарите. Во околните држави имаше жртви, повредени, иселени градови итн. – кај нас сето тоа, цело лето, беше успешно завршено и покрај диверзиите коишто ги имавме на почетокот на летото, наеднаш сега ова да се случува пред локалните избори. Вистинското прашање и вистинскиот одоговор е кому сето ова му одговара. Но, ние нема да се занимаваме сега, сега работиме да го решиме проблемот, потоа ќе се занимаваме, и да знаете дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата“, рече Мицкоски, префрлајќи ја вината и одговорноста кај партија од опозицискиот блок.