СДСМ до Стојаноски: Кошничката се намали за само 57 денари, пратеникот да признае дека мерките на Владата се погрешни

од Nikola Popovski
21 прегледи

Ја виде ли Бојан Стојановски висината на синдикалната кошничка? Ете денеска е објавена, минималната синдикална кошничка за месец октомври изнесува 61.249 денари, односно во споредба со минатиот месец разликата е само 57 денари, велат од СДСМ како реакција на прес-конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.

Според најголемата опозициска партија, ова е најголема потврда на она што граѓаните веќе го знаат, мерките на Владата за намалување на цените немаат никаков ефект, воопшто не се намалени цените на производите.

Партијата на Венко Филипче го повикува Стојановски да излезе пред граѓаните и да признае дека мерките на Владата на Мицкоски се погрешни, без резултат и да го поддржи Законот за минимална плата предложен од СДСМ.

Пратеникот го поздрави и фактот дека синдикалната кошничка се намалила за 57 денари, но, како што вели, доколку ги видете контрибуторите во кошничката, ќе видите дека поскапувањето односно драстичното ненамалување не доаѓа заради мерките кои што се од Владата, туку заради поскапувањето на цената на облеката.

Според Стојаноски, соопштението на синдикалната кошничка на ССМ покажа дека мерките на Владата дале резултати и дека цената на храната за еден месец е намалена за 935 денари.

СДСМ предлага законски измени за минимална плата, со кој се предвидува покачување на 27.700 денари. Вчерашното објаснување од Филипче дека зголемувањето е за 12,3 проценти, било техничка грешка. Минималецот од март идната година треба да биде повисок за 22,5 насто појаснува Тренчевска. ВМРО-ДПМНЕ со став, предлозите на СДСМ не се реални.

Вредноста на Синдикалната минимална кошница за месец октомври 2024 година изнесува 61.249,00 денари, информираат од Сојузот на синдикати на Македонија. Со изнајмен стан од 60 м2 за октомври кошницата изнесува 76.624,00 денари. Споредено со вредноста на синдикалната минимална кошница за септември 2024 година која изнесуваше 61.306,00 денари е намалена за 57,00 денари.

Според ССМ, ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика, ниту пак со здравиот разум, туку, како што велат, има поврзаност само со алчноста која е се поизразена во Македонија.

Слични содржини