СДСМ до Владата: За што е тој буџет од 6 милијарди евра ако не за да се поддржат граѓаните и работниците?

од Nikola Popovski
26 прегледи

СДСМ тврди дека актуелната власт има најголем Буџет во историјата од 6 милијарди евра, а не сака да им покачи плати на работниците во јавниот сектор. Партијата во опозиција додава дека срамно и тажно е работниците да бидат принудени да протестираат барајќи нешто што го заслужиле.

-За што е тој буџет од 6 милијарди евра ако не за да се поддржат граѓаните и работниците? Очигледно за да се богатат функционерите на власт, за нивните плати, за коли, мебел, луксузирање на власта и задоволување на интересите на елитата, но не и за поголеми плати за работниците, велат од СДСМ, додавајќи дека „се на страната на работниците и бараат од Владата итно да преземе чекори за зголемување на платите во јавнот сектор“.

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) денеска ќе одржи протест пред Министерството за финансии. Како што е најавено, протестот ќе трае од 11:00 – 12:00 часот. Oд УПОЗ повторно ја корегираа Владата дека во неколку министерствоа и државни институции има протест на вработените, а не штрајк.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски вчера на предупредувачкиот получасовен протест пред Државниот завод за статистика, изјави дека 988 вработени сè уште немаат земено плата за декември иако е истечен законскиот рок.

Протестите траат половина час, за да граѓаните и приватниот сектор, како што вели Деаноски, не трпат никакви последици. Првиот човек на Синдикатот на УПОЗ ѝ порача на Владата „наместо да пишува соопштенија и да негира се што е кажано, а не е точно, треба да посвети енергија и да најде начин да го реши проблемот“. Според него, „ако Владата сакаше дијалог, досега ќе бевме седнати на маса, а немаше да бидеме на улица“.

Слични содржини