Наместо системско решение за спречување на ценовните шокови, добивме маркетиншки трикови и привремени потези кои немаат реален ефект, порачаа од СДСМ за владината мерка за ограничување на бруто-профитните маржи која истекува денеска. Според најголемата опозициска партија, најдобар пример за тоа е таканаречената „новогодишна кошничка“.
-Во реалноста, потрошувачката кошничка секој месец расте. Во април порасна за 836 денари – алармантен податок што покажува колку се неефикасни владините интервенции. Цените на основните прехранбени производи остануваат високи, а платите – особено во јавниот сектор – со месеци не мrdнаа од место, истакнуваат од СДСМ и додаваат дека граѓаните денес живеат полошо од било кога во последната деценија.
-Македонија има најниски плати во регионот, а истовремено плаќа едни од највисоките цени. Владата нема стратегија, нема визија, нема план. Наместо суштински политики, се сведоци сме на декларативни изјави и обвинувања кон опозицијата, додаваат од „Бихаќка“.
Владината одлука за ограничени маржи беше донесена во февруари годинава и трае заклучно со денеска, 30-ти април. Според министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, мерката дала позитивен резултат бидејќи, повикувајќи се на официјални податоци, рече дека во споредба со февруари, во март има дефлација од 1,3 отсто во делот на храна и пијалаци, односно намалување на цените. Податоците за април, исто така, како што рече, укажуваат на намалување на цените на храната и пијалаците.
Министерот најави дека од 1 мај Државниот пазарен инспекторат ќе се врши контроли на терен за да се види дали по завршување на мерката ќе има енормно зголемување на цените на производите. Ако се утврди дека маркетите се однесуваат девијантно во и енормно ги зголемат цените, како што рече, ќе бидат воведени поригорозни мерки.
Од 20 март, мерката опфати 102 групи производи и утврди максимални цени за осум категории.
Владината потрошувачка кошница ќе биде готова во текот на мај и ќе биде доставена до Владата и до ССМ, но засега не е утврдено дали ќе се пресметува на основ на три или четиричлено семејство. Последните податоци на ССМ покажаа дека минималната синдикална кошница за април изнесува 62.691 денари и е за 836 денари поскапа во споредба со март а третина од кошницата 21.500 денари се потребни за најосновната храна и пијалаци.