„Основните прехранбени производи веќе не се достапни за сите, тие сега стануваат луксуз. Оваа состојба е директна последица на неспособноста и манипулациите на власта предводена од Мицкоски со така наречените кошнички кои немаат никаков ефект“, велат од СДСМ за мерките на Владата во пресрет на новогодишните и божиќните празници.
Од најголемата опозициска партија се децидни дека, како што велат, измамата со „новогодишната кошничка“, наместо пониски има повисоки цени.
-Цената на зејтинот порасна од 83 денари (цена од 1 октомври) на 97 денари. Јајцата, кои се продаваа од 75 до 85 денари, сега се над 100 денари, дури и до 140 денари за едно пакување. Кашкавалот од некои производители веќе надминува 600 денари за килограм. Јогуртот со 3,2% масленост достигнува над 72 денари, објавија од СДСМ.
Засега непречено се одвива акцијата. Производите ја надминаа бројката од 1.000, опфатени со намалувањето за барем 10 проценти. Постојани се контролите на инспекцијата, но и на надлежните.
Трговците уверуваат дека ги запазиле сите насоки за истакнување на претходните и намалените цени.
Акцијата ќе трае до 15-ти јануари. Опфатени се над 50 маркети со преку 500 продажни места. Во мониторингот ќе се вклучат и синдикатите и Асоцијацијата на потрошувачи.