СДСМ е горда на својата улога во проектот Александропули, тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ беше против

од Nikola Popovski
21 прегледи

СДСМ утрово се пофали дека проектот Александропули е доказ за визионерството на претходната влада предводена од нив. Истакнуваат дека со овој проект, државата ќе обезбедува 500 милиони кубни метри гас годишно, што ја надминува годишната потрошувачка од 400 милиони кубни метри. Македонија ќе обезбедува повеќе од доволно за да ги задоволи домашните потреби и ќе може да се пласира гас и во соседните земји, како Србија и Косово. Според СДСМ, овој проект ќе ѝ обезбеди можност на државата за дополнителни приходи преку извоз на гас во регионот.

-Кога Владата на СДСМ ја презеде иницијативата за овој проект ВМРО-ДПМНЕ беше против. ВМРО-ДПМНЕ сметаше дека “Најавата на Владата за инвестирање во Грција е штетна од неколку аспекти и тоа: политички, финансиски и економски“.

“Намерата и постапките за инвестирање надвор од Македонија во енергетскиот сектор во овој момент, најблаго речено, се знак или за тотално неразбирање на проблематиката и економската состојба на Македонија, или намерно уништување на енергетскиот сектор“ беше ставот на ВМРО-ДПМНЕ, порачаа меѓу другото од партијата на Венко Филипче.

Македонија од март 2021 година и официјално стана дел од проектот за изградба на терминал за течен природен гас и гасна централа во Александропули со што се очекува стабилно и континуирано снабдување со овој еколошки енергенс во земјава. Македонија ќе учествува со 25 проценти во гасната централа која ќе има капацитет од 800 мегавати, а проценетата инвестиција е повеќе од 380 милиони евра. Во гасниот терминал со должина од 17 километри и капацитет од 5,5 милијарди кубни метри, учеството на земјава е 10 проценти со вредност од околу 370 милиони евра. Планот е до 2023 година да бидат пуштени во употреба.

Меморандумите за соработка беа потпишани во Скопје меѓу енергетските компании од Северна Македонија и Грција.

Извршниот директор на „Копелузос Груп”, Христос Копелузос тогаш рече дека очекува дека за две и пол години од денес, Македонија да почне да добива енергија од сопствена гасна централа во Александропулос по многу компетитивни цени. Тој додаде: „Заедно ќе развиеме ултра модерна и максинално енергетски ефикасна централа, што ќе ја зголеми енергетската безбедност, ќе ја намали цената на струјата и ќе ја зголеми компетитивноста на бизнисот и граѓаните во вашата земја“.

Слични содржини