СДСМ: Едно четиричлено семејство има потреба од најмалку 62.700 денари за да го преживее месецот

од Nikola Popovski
119 прегледи

СДСМ ја коментираше вредноста на последната синдикална потрошувачка кошничка. Според партијата во опозиција, едно четиричлено семејство има потреба од најмалку 62.700 денари месечно за да го преживее месецот. СДСМ забележува дека трошоците за живот растат а платите стагнираат. Ја обвинија власта дека нема никаков економски резултат и дека не ја интересира воопшто стандардот на граѓаните, освен нивниот личен интерес.

-Додека власта се луксузира со папаја, манго, и аспарагус граѓаните се доведени до точка кога мора да избираат – дали да купат храна, да платат сметки или да се лекуваат. Ова не се само статистички податоци, ова е сурова реалност и директен удар врз секое семејство, системско осиромашување на народот. Ова е резултат на неспособноста и дебаклот на промашените економски политики на Владата на ДПМНЕ и Мицкоски, велат од „Бихаќка“.

Вредноста на синдикалната минимална кошничка за месец април 2025 година изнесува 62.691 денари, што е зголемување од 836 денари во споредба со март, соопшти Сојузот на синдикати на Македонија. Оттаму велат дека реално и оправдано е барањето за зголемување на минималната плата на најмалку 500 евра, како и дополнително зголемување на сите останати плати за најмалку 100 евра.

Најмногу, односно 21.480 денари од буџетот се издвоени за храна и пијалаци. За облека и обувки се издвоени 5.634 денари, за станарина, вода, електрична енергија и греење 6.096 денари, за лична хигиена и одржување на хигиена во домот 2.455 денари. Според синдикатот, мерките за ограничување на маржите на трговците имаат половичен ефект.

Од ресорот економија неодамна соопштија дека наскоро ќе ја дадат на увид кошничката, а до крајот на месецов очекуваат да биде верификувана во рамки на Економско социјалниот совет. Она што се знае сега дека повеќе нема да се нарекува минимална туку просечна. Во новата потрошувачка кошница нема да има цигари, алкохол и несезонско овошје, но ќе има домашно овошје, зеленчук и други сезонски земјоделски производи. Одмор во странство и купување нов автомобил, исто така не се планираат во пресметката на владината потрошувачка кошничка. Методологијата за утврдување на пресметката на цените ќе се базира на податоците на Пазарниот инспекторат и Државниот завод за статистика.

ССМ ја пресметува синдикалната минимална кошничка од 2011 година и вредноста на истата има за цел да им покаже на креаторите на политиките дека платите се ниски и мора континуирано да се зголемуваат.

Раст на македонската економија од 3,2 проценти за годинава и за следната 2026 година прогнозира Меѓународниот монетарен фонд во најновиот извештај. Стапката на инфлација, според ММФ, годинава ќе изнесува 3,4 отсто, а следната година 2,2 проценти.