СДСМ ги омаловажува уметниците, од ВМРО ДПМНЕ велат дека „Тие се наши амбасадори!“

од Марта Пешевска
19 прегледи

Од ВМРО ДПМНЕ остро реагираа на најновите обвинувања од страна на СДСМ, оценувајќи ги како неточни, злонамерни и со цел политичка дискредитација. Во реакцијата се појаснува дека возачот кој се спомнува како “кабинетски службеник” не е воопшто дел од кабинетот на министерот, туку е лице ангажирано преку Службата за општи и заеднички работи, како што е предвидено со процедура.

Именувањето на претседател на Управниот одбор на Македонската Опера и Балет, според ВМРО ДПМНЕ, е професионално решение. Станува збор за лице вработено во културната установа повеќе од 15 години, кое не е ниту кабинетски кадар, ниту партиски избрано лице. Од таму потсетуваат и на бројни злоупотреби и непримерни трошоци за време на претходното раководство на СДСМ, каде, како што наведуваат, директори биле и селектори и членови на комисии во исто време.

ВМРО ДПМНЕ категорично ги отфрли и наводите дека министерот Љутков потрошил преку 50.000 евра за патувања. Посочуваат дека единствената поголема сума што се споменува — нешто над 3,4 милиони денари — се однесува на трошоци поврзани со учеството на ансамблот “Танец” на меѓународна манифестација во Јапонија. Средствата, како што велат, биле исклучиво за авионски билети, сместување и дневници за уметниците.

„Сите патувања се спроведени согласно јасна културна и дипломатска агенда, транспарентно и со објавени податоци достапни за јавноста,“ се наведува во реакцијата.

Од владејачката партија исто така порачува дека учеството на Македонија на Експо Осака е дел од официјална државна програма и потпишан договор со Јапонија. Наместо, како што велат, “препарирани животни” кои се претставувале во времето на СДСМ, годинава државата се претставува со највисоките културни имиња – “Танец”, Ана и Игор Дурловски, Кирил Џајковски и Четкар.

„Наместо да се радуваат на меѓународната промоција на македонската култура, СДСМ упорно напаѓа и ги омаловажува уметниците. Тоа е навреда не само за нив, туку и за сите граѓани кои се гордеат со македонското културно наследство,“ велат од ВМРО ДПМНЕ.

На крајот од реакцијата, порачаа дека ќе ги преземат сите правни чекори за заштита на угледот на институцијата и нејзините претставници, доколку СДСМ не се извини јавно за, како што наведуваат, „измислените обвинувања и ширење дезинформации.“

Слични содржини