СДСМ ги отфрла шпекулациите за наводен бојкот за седницата на ЦО

од Nikola Popovski
41 прегледи

СДСМ ги отфрла шпекулациите за наводен бојкот и немање кворум на седницата на Централниот одбор којашто се одржа во вторникот. Партијата на Венко Филипче ваквите изјави ги смета за тенденциони и злонамерни, излезени од кујната на ВМРО-ДПМНЕ.

-Благодарам за ова прашање бидејќи досега тие што ги објавија овие шпекулации и невистини не се обратија до нас за да проверат дали воопшто е точно.

Имавме успешна седница на Централнито одбор, како што известивме, во демократска атмосфера, донесени се одлуки за одржување на Конгресот на 24 ноември за избор на ново раководство и нови политики, рече портпаролката на партијата, Богданка Кузеска, одговарајќи на новинарски прашања.

Портпаролката на Владата, Марија Митева денеска одговори дека „очигледно станува збор за политичка опција во која се случуваат голем број проблеми“.

-Како Влада нема да коментираме за тоа што се случува во рамки на нивната политичка партија, рече портпаролката на прес-конференција, запрашана за ставот на СДСМ.

Дел од медиумите блиски до ВМРО-ДПМНЕ вчера објавија дека „веројатно разочарани од однесувањето на Филипче, голем број партиски кадри дел од Централниот и Извршниот одбор, како и од пратеничката група на СДСМ, не дошле на седницата на Бихаќка, на која е донесена одлука за свикување партиски конгрес“. Од објавените фотографии на официјалната Фејсбук-страница на СДСМ за седницата, не можеше да се забележи присуството на поранешниот лидер Димитар Ковачевски, генералниот секретар Миле Зечевиќ, секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ, досегашните потпретседатели Стефан Богоев и Бисера Костадиновска Стојчевска, пратеничката Славјанка Петровска, Андреј Петров, Петре Шилегов и неколку членови на Извршниот одбор.

Слични содржини