Претставниците на СДСМ, Радмила Шекеринска, Рената Треневска-Дескоска и Виктор Габер, предмалку ја завршија билатералната средба со европратениците Иво Вајгл, Едвард Кукан и Рочард Ховит, во рамки на дијалогот што со посредство на Европскиот парламент се води со претставници на ВМРО-ДПМНЕ во Брисел.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, иако беше првично предвидено состанокот на претставниците на СДСМ и европратениците да започне во 11:30 часот, тој беше пролонгиран за 45 минути поради доцнењето на европратеникот Кукан.
Па, така, предмалку заврши билатералката на македонските социјал-демократи со претставниците на ЕП, кои се набљудувани од двајца претставници на Европската комисија, но Шекеринска, Треневска-Дескоска и Габер одбија да дадат изјава за претставниците на македонските медиуми за тоа што се разговарало на првичната средба.
Билатерална средба со Вајгл, Кукан и Ховит во моментов одржуваат претставниците на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Попоски, Никола Тодоров и Илија Димовски.
Според најавите, доколку европратениците и претставниците на Еврокомисијата, од билатералните средби со претставниците на двете македонски партии добијат впечаток дека има допирни точки за можен дијалог и договор, тогаш околу 15 часот се очекува да се одржи заедничка средба на претставниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Без ралзика на денешниот исход на овие првични разговори, од Европарламентот најавуваат дека по Велигденските празници ќе се одржи нова средба со цел ставање крај на политичката криза во Македонија и враќање на СДСМ во Собранието.
Според тоа што може досега да се знае, Европската тројка денеска нема да понуди решение, тие ќе ги ислушаат ставовите на двете политички сили и ќе се обидат на заедничка маса да ги доближат ставовите, се со цел опозицијата да се врати во Собранието, да профункционираат институциите на системот и да се стави крај на политичката криза.
