СДСМ го критикува ВМРО-ДПМНЕ и Владата поради вчерашното непочитување на македонскиот јазик од страна на вицепремиерот и член на ВЛЕН, Арбен Фетаи. СДСМ го прашува премиерот Христијан Мицкоски дали планира да го разреши вицепремиерот за добро владеење.
-На официјално обраќање, вицепремиерот Арбен Фетаи, одби да одговара на македонски јазик. Со ладнокрвност порача дека „уште не бил спремен на македонски“. Тоа го кажа човек на висока функција во Владата на Мицкоски. А од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски молк. Нема реакција, нема извинување, нема барање за одговорност.
Ова не е изолиран случај. И други функционери од албанскиот блок во Владата на Мицкоски не се обраќаат на македонски и не одговараат на медиумите. А ВМРО-ДПМНЕ не презема ништо. Во јуни имаше сличен случај, Мицкоски излезе и кажа дека ако се повтори уште еднаш ќе биде разрешен директорот кој тогаш одби да зборува македонски јазик. Ќе го разреши ли Мицкоски сега Фетаи или функционерите од власта се недоприливи, прашуваат од „Бихаќка“.
Оттаму потсетуваат дека Законот за употреба на македонскиот јазик, донесен во 2024 година, предвидува и санкции за неупотреба на македонскиот јазик.
-Казни од 1.500 до 3.000 евра за непочитување на употребата на македонскиот јазик има, ама нема кој да ги напише. Прашањето е зошто? И дали намерно не се формираше Инспекторатот за ова самоволие на функционерите од власта вака да поминува, додаваат од СДСМ.