СДСМ го разбира револтот на работниците во јавниот сектор и ги поддржува нивните барања за покачување на платите кои се целосно оправдани. Велат дека Владата има обврска да обезбеди услови за потпишување на колективните договори и зголемување на платите.
Од СДСМ замеруваат што во изминатите седум месеци, минималната плата остана непроменета, додека просечната плата стагнира.
-Системот за зголемување на платите, воспоставен од СДСМ, беше целосно напуштен од актуелната власт, што резултираше со влошување на животниот стандард на работниците. Дополнително спорно е тоа што вработените во дел од јавниот сектор и министерствата се дискриминирани во однос на нивните колеги во други институции како Министерството за финансии, Службата за општи и заеднички работи на Влада, Генералниот секретаријат во Владата, кои добиле покачувања на платите, истакнуваат од „Бихаќка“.
Партијата на Венко Филипче потсетува дека за период од 7 години, ја зголемиле минималната плата од 8.000 денари на над 20.000 денари, а просечната плата од 22.000 денари на над 42.000 денари.
Вработените од шест министерства, Државниот завод за статистика и Државниот архив денеска излегуваат на протест. Го бараат додатокот на плата од 30%. Од синдикатот на УПОЗ велат дека остануваат на одлуката на овој начин да го изразат револтот, бидејќи платите се ниски и е неопходно да се зголемат.
Од 11 до 11:30 часот ќе протестираат поради игнорантскиот однос на властите за зголемување на нивните плати. Од УПОЗ, синдикат кој стои позади овие државни институции велат дека со години се бара зголемување на платите во јавниот сектор, но за овие незадоволни институции за сега нема интерес.
Од УПОЗ велат дека министерствата кои излегуваат на протест имаа истакнато барања за добивање додаток на плата уште пред носење на Буџетот за 2025 година. Со поддршка на ресорните министри до министерството за финансии велат дека се пратија Предлог – Колективни договори со 30% додаток на плата но сите беа одбиени од Министерство за финансии.
Претходно со штрајк своето незадоволство го изразија и вработените во Државното правобранителство.