СДСМ денеска преку соопштение информира дека градоначалникот на ВМРО-ДПМНЕ од Гази Баба, Бобан Стефковски е осудено лице за дилање дрога. Оттаму упатија барање до пратеникот Бране Петрушевски да ја земе пресудата, да му ја однесе и јавно да побара оставка од него.
Според партијата од „Бихаќка“, како што велат, јавноста знае дека со дрога беше фатен и истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ од Пештани.
-Мицкоски го гледавме на слики како седи на иста маса со лице од Грчец уапсено за трговија со 32 килограми дрога, вредна 120.000 евра. За разлика од цело ДПМНЕ, Јон Фрчкоски си поднесе оставка и се повлече од позицијата. ДПМНЕ и Петрушевски се последните кои можат да ја прозиваат СДСМ, стои во партиското соопштение, при што се објавени фотографии од судската пресуда од 2002 година.
Ваквиот став на најголемата опозициска партија следува откако беа прозвани за став по оставката на Фрчкоски од партиската функција откако беа споделени фотографии од него во јавноста како шмрка кокаин на работно место.
-Поранешниот пратеник на СДС, Павле Богоевски исто така потврди автентичност на снимка според која тој нарачува психотропна наркотична супстанца. Богоевски беше и еден од водачите на Шарената револуција. Јон и Павле се луѓе од СДС кои од една страна делат лекции за правда и ја бараат истата, а од друга страна се лица кои користат психотропни супстанци. Дали молкот и неоградувањето од постапката на Јон Фрчкоски значи дека Филипче одобрува земање на кокаин, праша денеска повторно Петрушевски.
Фрчкоски потенцираше дека не се гордее со грешките од минатото, но истовремено соопшти дека се повлекува од функцијата во најголемата опозициска партија.
-За грешките од минатото и слабостите во младоста не се гордеам, но нема да бидат товар за СДСМ, партијата која ги разоткрива сите криминали на ДПМНЕ. Од морални причини се повлекувам од позицијата директор на Центарот за истражување и анализи на СДСМ. Фала на семејството и пријателите за поддршката во целава гнасна хајка во која ме втурнаа платениците на ДПМНЕ, напиша вчера членот на СДСМ.
Јон е син на екс-министерот и екс-амбасадор Љубомир Фрчкоски. Тој пред шест месеци беше избран за нов директор на партискиот Центар за истражување и анализа во СДСМ. Фрчкоски е и поранешен директор на ПУИК.
Ваквиот развој на настаните следува откако Јон Фрчкоски пред два дена праша зошто актуелниот директор на ДПИ, Влатко Стојкоски не е опфатен со истрагата за трагедијата во Кочани. Тој упати уште неколку прашања до надлежните институции.