СДСМ: Харис Џиновиќ за Нова година гостува во Црна Гора, толку е ВМРО изгубена и лажна

„Причината е јасна: Дефокус од криминалните тендери и мигранти за пари“, соопштија од партијата на Филипче

од Nikola Popovski
28 прегледи Фото: Фејсбук/ВМРО-ДПМНЕ

„На лагите им нема крај“ – велат од СДСМ за партиските соопштенија на ВМРО-ДПМНЕ во кои се обвинува лидерот на СДСМ, Венко Филипче. Откако од партијата на власт прашаа дали „пејачот Харис Џиновиќ повторно ќе им пее на Филипче и Зоран Заев во Дубаи“, партијата од „Бихаќка“ истакнува нивните политички ривали повторно шират лаги.

-Само со едно пребарување и таа лага се демантира, Харис за Нова Година гостува во Херцег Нови (Црна Гора). Толку е ВМРО изгубена и лажна.

Причината е јасна: ДЕФОКУС од криминалните тендери и мигранти за пари. Ова веќе не е само политичка манипулација – ова е директна навреда на интелигенцијата на сите македонски граѓани, соопштија од СДСМ, прашувајќи ја најголемата владејачка партија „кога ќе ја објават фотографијата од Дубаи“, нарекувајќи ги „лажговци“.

Партијата на Христијан Мицкоски посочи дека „Филипче без реформи во неговата партија и без одговори за златната виза замина во Дубаи по нови инструкции од менторот Заев“.

„Дали и овој пат на забавата главна ѕвезда ќе биде Харис Џиновиќ или некоја друга балканска турбофолк „ѕвезда“, тоа ќе се види на снимките како што и претходно видовме како Филипче радосно го снима неговиот лидер Заев додека се забавува. Веројатно дека покрај Новата година, во Дубаи на забавата ќе се прославува и нивната инвестиција, 42-катница, нешто што повеќе пати е потврдено како од намесникот Филипче и СДСМ, така и од сведоштвото на поранешниот соработник на Зоран Заев, Тома Аврамски“, соопштија, меѓу другото, од ВМРО-ДПМНЕ.