После подолго време, СДСМ и Владата на иста бранова должина, по вчерашните изјави на лидерот на ДУИ, Али Ахмети за бегството на екс-вицепремиерот Артан Груби. Најголемата партија во опозиција побара од МВР и Обвинителството да го повикаат Ахмети на исказ за да каже каде е Груби.
-Откако лидерот на ДУИ застана во одбрана на Груби, повеќе од јасно е дека самиот тој е добро информиран за тоа каде е Груби и има важни информации за случајот. Зошто обвинителството и Тошковски не го повикуваат Ахмети да даде изјава? Како е можно и Ахмети и Меџити да знаат каде е Груби само Тошковски да е целосно незапознаен, прашуваат од партијата на Венко Филипче.
Со сличен став и премиерот Христијан Мицкоски. Се надева дека зборовите на Ахмети ќе допрат до Обвинителството.
-Се надевам дека ова допира до Обвинителството. Има правна процедура, ако има личност што знае каде е бегалец од законот ќе го повика за да даде одговор каде се наоѓа бегалецот од правдата. Можам само да дадам еден коментар – на секој во Македонија му е јасно како се поставуваа обвинителите и судиите во изминативе 7 години. Обвинителите и судиите не можеа да бидат избрани, не можеа ниту да бидат квалификувани во Академијата за судии и обвинители, и сега истите тие кои ги поставуваа, велат дека некому правдата му била оневозможена и дека ова е политички прогон, рече премиерот.
Од Јавното обвинителство велат дека се издадени наредби за распишување национална и меѓународна потерница за осомниченото лице.
-Домашните и меѓународните органи задолжени со извршување на тие наредби ги имаат сите овластувања да ги преземат сите неопходни дејствија за трагање по лицето, вклучително и да повикуваат и да вршат разговори со други лица кои би можеле да имаат некои сознанија за локацијата на која се наоѓа осомничениот, порачаа од ОЈО.
Вицепремиерот за политики и добро владеење, Арбен Фетаи исто така преку статус на социјалните мрежи реагираше по изјавата на првиот човек на ДУИ.
-Али Ахмети изјави дека има сознанија за локацијата на Артан Груби, по кого има меѓународна потерница. Јавното обвинителство, врз основа на оваа јавна изјава, има законска обврска да го повика Али Ахмети и да го праша каде се наоѓа лицето кое го гони правдата на државата, објави Фетаи.
Вчера Ахмети во изјава за косовските медиуми посочил дека неговиот довчерашен сопартиец, Груби не побегнал, но и дека тој самиот немал контакт со него. Сепак тврди дека има информации дека Груби е во добра состојба и дека се наоѓа на албанска територија.
Претседателот на ДУИ оценува дека Груби ќе се врати и ќе се појави пред органите на прогонот, „но правдата не смее да биде одмаздничка и селективна“.
-Ние сме против селективна правда и употреба на навреди и клевети за дневно-политички цели и подготвени сме да одговориме во секој момент, кажа Ахмети.
Ахмети уште еднаш го повтори својот став дека во Македонија треба да се изврши ветинг за да се истражи политичката активност и богатството на секој носител на високи државни функции.
Покрај Груби, во бегство е и екс-директорот на Лотарија, Прпарим Бајрами.