СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во судир за јавниот превоз: Кој е вистинскиот виновник?

од Илинка Илиоска
26 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ разменија обвинувања за катастрофалната состојба на јавниот превоз во Скопје. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека единствениот виновник е градоначалничката Данела Арсовска, која ја обвинуваат за неспособност и соработка со СДСМ и ДУИ.

„Единствен виновник за хаосот со јавниот превоз во Скопје е Данела Арсовска во коалиција со СДС и ДУИ,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ, истакнувајќи дека „коалицијата Арсовска, СДС и ДУИ од свои лукративни причини го предизвикуваат уништувањето на Скопје.“

Дополнително, тие ја обвинија Арсовска дека „не успеала да ги реши основните проблеми на градот, како чистење на ѓубрето од улиците и ефикасен јавен превоз.“

Во исто време, СДСМ ги обвини ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска за „најлошиот јавен превоз во Европа“, посочувајќи на последниот извештај на Европската Комисија.

„Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и градоначалничката Арсовска успеаја да го донесат Скопје на дното во Европа и во делот на транспортот,“ стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму тврдат дека наместо вложување во модернизација на транспортот, ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска дозволиле „тотален хаос во сообраќајот, што директно ги погодува жителите на Скопје.“

СДСМ дополнително обвини дека „Советниците на ВМРО-ДПМНЕ намерно не гласаа за набавка на нови автобуси,“ што ја влошило ситуацијата во градот.

ВМРО-ДПМНЕ, од своја страна, нагласува дека има јасен план за развој на општините и дека ќе инвестира 250 милиони евра во инфраструктурни проекти, додека СДСМ ги повикува граѓаните да препознаат дека, според нив, ВМРО-ДПМНЕ ја предизвикале „катастрофата која што му се случува на јавниот превоз и на целиот град.“

Слични содржини