СДСМ: Иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше изградба на нов Клинички центар, ги излажа граѓаните

од Nikola Popovski
62 прегледи

СДСМ го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека спроведувале блокади и опструкции на проектот за изградба на модерен Клинички центар, инициран од претходната власт. Од партијата во опозиција порачаа дека предложиле концепт и проект кој ќе ја обезбеди целосната здравствена услуга на едно место – како што имаат сите современи европски држави. Сепак, обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ го сруши тој концепт во изминатиот период.

-Нов Клинички центар за граѓаните нема само поради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ, а во мандатот на оваа власт исто така нема да се изгради. Иако ВМРО-ДПМНЕ ветуваше изградба на нов Клинички центар ги излажа граѓаните. Сите ветувања, гласни изјави и прес-конференции од белата палата се само празен театар за јавноста. Сега се најавува некакво проширување на болницата „8 Септември“ но тоа не е замена за вистински, интегриран Клинички центар. Тоа е импровизација без ефект. Наместо европски модел на здравство, граѓаните добиваат систем што се распаѓа – расцепкан, нефункционален и без основни услови за лекување, порачаа од „Бихаќка“.

Надлежните планираат Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје да стане регионален центар за лекување на пациенти од Скопје, Куманово и Велес. Пред два месеци, директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) Сашо Клековски, презентирајќи го буџетотот на Фондот за 2025, рече дека реорганизацијата на „8 Септември“ е дел од здравствената стратегија, владина и партиска, и дека во моментов, идејата за нов Клинички центар е малку паузирана за да видат кои се потребите на општеството.

Инаку нов Клинички центар најавија неколку претходни влади, но ниту една досега не почна да го гради. Како алтернативно решение Владата на премиерот Христијан Мицкоски го предлагаше спојувањето на клиниките во рамки на Клиничкиот центар во Скопје.