Наместо да се искористи за стабилизирање на енергетскиот систем и поевтина струја за граѓаните и компаниите, македонскиот ветер ќе полни приватни џебови. Владата на ВМРO-ДПМНЕ прави класична распродажба на националните ресурси од македонската енергетика. Иако Владата го претставува ветерниот парк на „Алказар“ како историска инвестиција – фактите говорат нешто сосема поинаку, порача денеска Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ, на партиска прес-конференција.
„Моделот на „Алказар Енерџи“ е јасен: развиј, изгради и продади. Токму тоа се случи со нивниот прв фонд – проектите развиени на Блискиот Исток беа продадени 100% на кинески државен конзорциум. Па прашањето не е дали ветерниот парк ќе биде продаден, туку кога и на кого“, рече тој, нагласувајќи дека „нема ништо стратешко овде, освен ако измамата за граѓаните не е стратешки планирана“.
Тој прашува дали во прашање е бизнис интерес на премиерот Христијан Мицкоски.
„Кој е вистинскиот бизнис интерес на Мицкоски? Дали тука се вклучени и контроверзни имиња од регионот, добро познати од трговијата со струја? Дали со нив соработувал тандемот Мицкоски – Божиновска?
Пред една година од ВМРО-ДПМНЕ тврдеа дека паркот ќе обезбеди струја за 100.000 граѓани.
Сега Мицкоски смени лента, од собраниска говорница најавува дека странска компанија ќе ја откупува струјата.
Па, кого навистина ќе снабдува овој проект – народот или приватниот купувач?“, порача Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
Тој побара јавно да се објави органот кој го издал одобрението за градба и кога истото станало правосилно ако воопшто го има.